Германската Влада го поздравува договорот меѓу Атина и Скопје и апелира политичките сили од двете земји да го поддржат Преспанскиот договор.

Според портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, договорот дава повод за доза оптимизам, но загриженост будат насилствата за време на протестите во Скопје против договорот.

- Задоволни сме од вчерашното потпишување на договорот. Го поздравуваме и тоа дава доза на оптимизам. Истовремено, има причина за загриженост поради информациите за насилство на протестите во Скопје против договорот и германската Влада ги повикува на смиреност и внимателност сите вклучени, изјави Зајберт.

За германската Влада, овој договор е важен чекор напред за двете земји.

- Договорот може да ги тргне пречките за прекугранична соработка, раст на трговијата и инфраструктурата, и да придонесе за регионалната стабилност. Убедени сме дека, ако некои кусогледо инсистираат на националистички позиции, тие му штетат на договорот и на многу луѓе во регионот што сакаат стабилност и економски просперитет. Премиерите на двете држави, го направија можен овој важен компромис, што може да стави крај на проблемот кој траеше со децении. Германската Влада ги повикува сите партии и политички сили во двете земји да го поддржат овој договор, изјави Зајберт, пренесува АНА-МПА.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2018 16:29