Шефот на кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи, Беким Чолаку, најави дека финалната фаза на дијалогот меѓу Косово и Србија секако ќе се одржи, но не се знае датумот кога тоа ќе се случи, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Чолаку во денешното интервју за телевизијата КТВ говореше за процесот на преговорите меѓу Приштина и Белград, кои во моментов се блокирани, како и за внатрешната дебата во земјата околу тоа кој треба да биде на чело на косовската делегација во преговорите.
- Најавите или информациите наскоро ќе бидат попрецизни, бидејќи така се согласивме со посредничката (Фредерика) Могерини и очекуваме во наредните денови да се одржи нов состанок на претседателите (на Косово и Србија) со посредство на Могерини, но се уште не е одреден датумот на состанокот, рече Чолаку.
Според советникот на Тачи, оваа фаза од дијалогот е најзначајна, бидејќи „се очекува страните да го затворат овој процес“, како и затоа што Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ „ќе вложат напор за дефинитивен договор за нормализирање на односите меѓу двете земји“.
Косовската опозиција, но и дел од пратениците од владејачките партии, се спротивставија на предлогот на Владата на Рамуш Харадинај на чело на преговарачкиот тим да биде Тачи, сметајќи дека тој со неговото досегашно дејствување не се покажал како интегрирачки фактор во Косово. По ова, Харадинај ја повлече предлог-платформата од собраниската дебата, откако стана јасно дека нема да може да го обезбеди потребното мнозинство гласови за нејзино усвојување.