Албанија веќе станува транзитна земја за нелегалните имигранти од Блискиот Исток, ако се има предвид бројот на откриени случаи во изминатиот период од годинава.
Полициската статистика потврдува дека од почетокот на јануари откриени се 2.500 илегални имигранти, кои преку зелениот појас на границата со Грција влегуваат на албанска територија, со цел да го продолжат патот кон Црна Гора, а од таму кон некоја од западноевропските земји. Поголемиот број од мигрантите влегле во Албанија во последните два месеца.
- Она што посебно треба да се акцентира е фактот дека добар дел од од имигрантите и по неколкупати се обидуваат да ја остварат целта. Станува збор за оние кои не бараат азил, па според договорот за депортирање се враќаат назад во Грција, но откако ќе бидат вратени на грчка територија тие повторно влегуваат на албанска територија, потврдуваат од полицијата, додавајќи дека има лица кои се откриени и по десетпати.
Во Центарот за азил во Бабру за азил аплицирале 1.700 лица, но бројот на досега одобрените барања е речиси десетпати помал, бидејќи случаите детално се проверуваат .
Од друга страна, мигрантите го користат кампот како безбедно место, каде на полицијата и изјавуваат дека во Албанија пристигнале за да бараат азил и откако ќе бидат засолнети по неколку дена, тие го напуштаат кампот и се упатуваат кон границата со Црна Гора.
Имигрантите од Сирија, Ирак, Авганистан и северна Африка, за да бидат пренесени до црногорската граница плаќаат по 500 евра, додека за Италија 1.200 евра по човек.
Во справувањето со оваа појава, албанската полиција ја зголеми готвеноста со засилување на постојните гранични единици со 200 припадници на единицата за брза интервенција. Тие се распоредени во околијата Корча, подрачја кои се граничат со Грција и со Македонија, околија Ѓирокастро близу Грција и околијата Скадар на границата со Црна Гора.