Министерството за финансии (МФ) првпат организира ФинХакатон. Oвој 48-часовен предизвик има за цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија.

Настанот ќе опфати креација на три софтверски и мултимедијални решенија: веб-апликација, видео и видеоигра. Креираните алатки ќе треба да ги доближат јавните финансии до граѓаните, а самиот процес, покрај креативноста, ќе поттикне и претприемничко размислување кај младите.

- Визијата на Министерството е како кредибилна и модерна институција, која работи транспарентно и подеднакво за сите граѓани, да добие алатки креирани од граѓаните за граѓаните, наведува МФ.

На настанот може да се пријави секој што има пасија да работи на овие проекти, користејќи отворени податоци. Во секој тим се потребни членови со предзнаења во делот на развој на веб-апликации, дизајн, хардвер, софтвер, економија, бизнис и маркетинг, мулитмедија. Може да се пријави секое лице државјанин на РМ со наполнети 18 години, поединци или тимови.

Натпреварот ќе се одржи од 6 до 8 јули 2018 година во просториите на Министерството за финансии. За таа цел натпреварувачите ќе треба да бидат присутни 48 часа во Министерството. Пријавувањето ќе трае до 30 јуни 2018 год., регистрацијата ќе се одвива на http://hackaton.finance.gov.mk/ или со кликнување на полето „Регистрирај се!“ на инфографикот овде.

- МФ во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој ќе овозможи искористување на наградниот фонд од 1,5 милиони денари во акцелерирање и поддршка за реализација и финализација на победничките решенија по завршувањето на ФинХакатонот. Победниците ќе имаат можност да основаат сопствена стартап компанија. Менторите ќе им помогнат на учесниците во реализацијата на нивните идеи, наведуваат од Министерството.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2018 16:05