Градот Скопје ги демантира денешните наводи на Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ кое тврди дека во Предлог-изменувањето и дополнување на буџетот на Град Скопје за 2018 година, што ќе биде разгледувано на утрешната седница на Советот на Град Скопје, се укинуваат парични средства првично наменети за стационарот за бездомни животни „Вардариште“.

Град Скопје сака да нагласи дека парите наменети за обнова на стационарот „Вардариште“ остануваат во Буџетот, зашто Град Скопје е цврсто решен да го реконструира постојниот стационар според сите важечки стандарди во таа област и според препораките на експертите, и трајно да го реши овој горлив проблем. Во таа насока, Град Скопје ја чека дозволата од Општина Гази Баба за легализација на овој објект, по што ќе може да се преземат и конкретни чекори на ова поле.

Сакаме да појасниме дека од Буџетот се тргаат средства наменети за проект за расчистување на депонијата „Вардариште“, што воопшто не е поврзано со стационарот „Вардариште“ и не треба да создава забуна кај јавноста.

Во меѓувреме, грижата за бездомните животни Град Скопје ја докажува секојдневно, преку нивен хуман третман. Доказ за тоа е новото возило наменето за заловување и транспорт на бездомните кучиња од скопските улици, што неодамна го стави во употреба ЈП „Комунална хигиена“. И покрај лавината неточни обвинувања што на наша адреса пристигнаа од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, градоначалникот Шилегов потенцира дека здруженијата за заштита на животните и понатаму остануваат ценет и близок партнер на градот за решавање на проблемот со бездомните животни, зашто само заедно може да се дојде до најповолното решение за соодветна грижа за уличните животни.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2018 16:15