Владата на денешната 75. седница ја усвои предлог - завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, со конечен извештај на овластен државен ревизор.
Во завршната сметка, информираат од владината прес-служба, е констатирано дека минатата година капиталните инвестиции изнесувале 19,8 милијарди денари, вкупните приходи биле 179,706 милиони денари, додека вкупните расходи 196,561 милион денари.
Според анкетата на работна сила, бројот на вработени во 2017 година се зголемил за 2,4 отсто во однос на 2016 година, со што просечната стапка на вработеност достигна 44,1 отсто, а стапката на невработеност се намали на 22,4 проценти.
Просечната бруто-плата во 2017 година забележа раст од 2,6 отсто на номинална основа, со тенденции на повисок раст во последната третина од годината, како резултат на зголемувањето на минималната плата.