Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал Хусеин изрази запрепастување поради одлуката на САД да се повлече од Советот за човекови права на Светската организација, наведувајќи дека Вашингтон би требало да го зајакне својот ангажман со оглед на се почестото кршење на човековите права во светот.
- Со оглед на состојбата со човековите права во светот денес, САД би требало да го зајакнат својот ангажман, а не да се повлекуваат, додаде Зеид.
Европската унија денеска соопшти дека одлуката на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на земјата од Советот за човекови права на ОН претставува „ризик да се поткопа улогата на САД како борец и поддржувач на демократијата на светската сцена“.
Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ соопшти дека Унијата останува „цврсто и целосно посветена“ на тоа тело на Светската органиазција со седиште во Женева, во чиј состав има 47 земји.
Во реакцијата на ЕУ се наведува дека САД „од секогаш биле во првите редови“ за заштита на човековите права и се „силен партнер“ на европскиот блок во Советот.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека одлуката на САД за повлекување од Советот за човекови права на ОН е „за жалење“ и порача дека поддршката на Велика Британија за Советот останува цврста.
- Не криеме дека Британија сака реформа на Советот за човекови права, но посветени сме на работата за јакнење на Советот од внатре, нагласи шефот на британската диломатија.
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли синоќа соопшти дека Администрацијата во Вашингтон донела одлука се повлекување на САД од Советот за човекови права на Светската организација.