Бачкиот епископ на СПЦ Иринеј изјави дека би било грешка ако вселенскиот патријарх донесе еднострана одлука за афтокефалност на „канонски непризнаените цркви во Македонија и Украина, бидејќи на тоа би му се спротивставил целиот православен свет“.

- Цариградскиот патријарх е прв меѓу еднаквите, а не прв без еднаквите. Затоа и, не дај Боже, да постои намера на сесветиот патријарх Вартоломеј за некаква еднострана и произволна пресуда во случајот на скопскиот и украинскиот раскол, тоа ќе биде израз на голема заблуда, голема духовна грешка и од аспект на поредокот на православната црква и канонските закони, целосно ништавно, изјави владиката Иринеј за „Политика ".

Тој истакна дека говори целосно хипотетички, бидејќи длабоко верува дека до тоа нема да дојде.

- Доколку до тоа дојде, под политички или други притисоци и поттикнувања, тоа би предизвикало решавачко несогласување и спротивставување, не само во словенскиот православен свет, туку и пошироко во православието, рече Иринеј.

„Политика" потсетува дека патријархот Вартоломеј неодамна ги повика сестринските цркви да ја прифатат „црквата во Скопје" во православно единство и дека истакнал оти „апостолска должност на црквата е да бара начини за спасение на нашите браќа во Скопје и Украина".

Според „Политика“ на ова реагирал протоерејот Всеволд Чаплин, од Руската православна црква, кој оценил дека со давањето на автономија на украинската и на „македонската црква против волјата на нивните мајки цркви, руската и српската, може да дојде до раскол во православниот свет.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2018 10:57