Не е точно дека туристичките аранжмани во Србија се поевтини од македонските. Цените варираат зависно од видот на сместувањето и дестинацијата, реагира Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) по информацијата во неколку домашни интернет портали со која македонски туристи се советуваат да уплатуваат туристички аранжмани во агенции во Република Србија. Според СКТМ, објавените информации во порталите се дадени произволно и не се поткрепени со конкретни факти или истражување. - Голем дел од агенциите во Србија, покрај објавената цена на аранжманот во евра, наплаќаат и динарски износ по лице за извршената резервација. Ги советуваме македонските туристи, секогаш внимателно да ги прочитаат условите на понудите и туристичките програми, за детално да се информираат пред да донесат одлука за уплаќање аранжман, независно дали во земјата или во странство, особено при он-лајн купувањето, наведува Комората. СКТМ воедно укажува да не се генерализираат поединечни искуства зашто на тој начин македонските туристи се доведуваат во заблуда и се нанесува штета на домашните туроператори.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2018 11:12