САД со децении водеа глобален фронт за промоција на човековите права преку мултиратерални тела и ние бевме сведоци на подобрување во некои сегменти, но многу долго чекаме прогрес кој во некои случи воопшто го нема, изјави американскиот држаев секретар Мајк Помпео по повод истапувањето на САД од Советот на ОН за човекови права.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Помпео во Стејт департментот истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп „уште од самиот почеток ги повикувал институциите или државите кои изјавуваат едно, а прават друго“.
- Имено тоа е проблемот со Советот за човекови права, изјави Помпео, цитирајќи го Трамп кој пред Генералното собрание на ОН нагласи дека ова тело е голем извор на непријатности, бидејќи во него членуваат некои влади кои флагрантно ги кршат човековите права. - Несомнено, ова тело на почетокот имаше благородна визија. Но, да бидеме искрени, Советот за човекови права денеска е слаб заштитник на човековите права, потенцира Помпео.
Тој додаде дека Советот станал пример за бессрамна хипокрозија каде многу од најлошите злоупотреби на човековите права се игнорираат, додека некои од најголемите светски престапници седат во него.
Помпео потсети дека во ова тело членуваат земји како Кина, Куба и Венецуела и додаде дека изборите и гласањето во Советот не се фер и дека ова тело имало константна и добро документирана предрасуда кон Израел.
- Од своето основање ова тело има прифатено многу повеќе резолуции за осуда на Израел отколку за сите други земји заедно, потенцира американскиот државен секретар.
Тој наведе и други причини зошто САД се повлекуваат од ова тело и истакна дека американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли, продолжува да работи на реформи во Советот на ОН за човекови права.
- САД во принцип не се против мултирателни тела кои работат на заштита на човековите права. Со нашите сојузници и партнери продложуваме да работиме на ова поле а тоа ги отсликува заложбите на Америка за слобода, истакна Помпео.
Истапувањето на САД од Советот на ОН за човекови права се случи во време кога доаѓаат се пожестоки осуди од јавноста поради антиимигрантската политика на Трамп со раздвојувањето на децата од родителите во прифатните центри за илегали имигранти на границата со Мексико.