Трибината на косовските парламентарни партии, што се одржа денеска во организација на Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) заврши по двочасовна дебата, без консензус за заедничка платформа за преговорите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претседателот на ПСД, приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети, кој ја водеше дебатата, рече дека неговата и уште неколку парламентарни партии се спротивставувааат на тоа главен преговарач од косовска страна во дијалогот со Србија да биде претседателот Хашим Тачи.
- Ние денеска предложивме декларација, предлог, за приближување на ставовите во однос на процесот на дијалог. Речиси сета дискусија се сведе на тоа кој ќе го предводи, дали тоа треба да е Тачи. Ние предложивме тоа да биде Собранието на Косово, изјави Ахмети.
Тој додаде дека и доколку се мандатира Тачи за да го води дијалогот, тој мандат треба да произлезе од Собранието, иако ПСД е против тоа косовскиот претседател да биде главен преговарач.
- Денеска ја имавме и прес конференцијата на претседателот, на која тој не информира дека ќе оди на разговори, а не знаеме за што ќе се расправа. Тој оди без согласност на политичките субјекти, рече Ахмети, најавувајќи дека неговата партија во наредните денови ќе одржи билатерални средби со полтиичките субјекти во врска со дијалогот Приштина-Белград.
На трибината во организација на опозициската ПСД присуствуваа сите партии застапени во косовското Собрание, владејачки и опозициони, освен партијата на косовските Срби, Српската листа, која, како што објавија медиумите, воопшто не била поканета.
Косовскиот претседател Хашим Тачи најави дека, со средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, ќе го започне финалниот процес на помирување меѓу двете држави и двата народи. Средбата на двајцата претседатели, со посредство на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Федерика Могерини, ќе се одржи в недела во Брисел.