20 јуни 2018
Гардијан - Лондон
Ние во Западна Европа удобно ги занемаруваме сопствените недостатоци и не покажуваме сочувство кон тешкото минато на нашите соседи.
Во Европа сега е зајакнато чувството дека една конкретна категорија општества или граѓани заслужуваат презир или понижување. Таа категорија е географски одредена: таа е на истокот.
Во Брисел, Париз, Берлин и на други места на западниот дел на континентот се пораширен е ставот дека „луѓето од Истокот“ се разбојниците во клубот на ЕУ. Дали е таквиот став исправен?
Емануел Макрон, европското олицетворение на либералната демократија, минатиот месец го повтори ваквиот западен став. - Изминатите 15 години покажаа дека изборот на ставот оти Европа треба да се шири, само ја ослабна Европа, рече тој.
Подемот на популизмот во земјите од поранешниот комунистички блок ја поттикнува претпоставката дека ако земјите од Централна и Источна Европа не беа нејзини членки, работите во ЕУ ќе одеа полесно. Можеби е време да отфрлиме некои стереотипи.
Тоа не значи негирање дека постојат сериозни проблеми. Европската комисија започна постапка за прекршување на принципот на владеење на правото против ултраконзервативната националистичка Влада на Полска. Промовирањето на „нелибералната демократија" од страна на Виктор Орбан во Унгарија исто така предизвика многу проблеми.
Следната година ќе се одбележи 30-годишнината од револуциите во 1989 година, што и овозможија на Европа да се обедини. Но, сега се чини дека годишнината веројатно ќе биде помрачена од незадоволство и тензии. Истокот доби еден вид на статус на каста на непожелни.
Според оваа логика, Централна и Источна Европа едноставно „не го разбираат" европскиот проект. Тие само учествуваат во него за пари, не соработуваат со Брисел како што треба, создаваат проблеми, ксенофобични се и копнеат по авторитаризам.
Но, дали заборавиме нешто? Погледнете го резултатите од неодамнешните италијански избори. Антимигрантските популисти и ултрадесните екстремисти ја формираа новата Влада во третата по големина економија во Еврозоната.
А што да кажеме за Австрија каде екстремно десничарската Партија на слободата ги држи трите клучни владини министерства?
Во Германија екстремно десничарската Алтернатива за Германија не само што има 92 места во Бундестагот (тоа првпат и успева на една екстремистичка партија по Втрората светска војна), туку нејзината идеологија се преточи во програмата на владејачката партија во Баварија - Христијанско социјалната унија за изборите за покраинскиот Парламент на есен.
Дури и покрај поразот на Марин ле Пен на претседателските избори, не може да се каже дека Франција се ослободи од ксенофобијата и антиисламските чувства.
За сите неволји во Европа да се обвинува нејзиниот источен дел е премногу едноставно и во најмала рака неискрено. И не само тоа. „Поделбата“ на Европа по линијата исток-запад се заканува да ги поттикне тавите заложби, кои проевропски ореинтираните политичари сакаат да ги надминат или отстранат.
Меѓусебното обвинување е нашироко присутно, на што влијаат големиот број постоечки историски комплекси и незадоволството од влијанието на Германија.
Откривањето на вистината за загрижувачките карактеристики и грешки на самата Западна Европа може да помогне да се создаде чувство на заеднички напор, кој се чини дека недостасува денес. Да се потсетиме дека уште во 2005 година, граѓаните на Франција и Холандија (кои гласаа на референдуми), а не новодојдените Источноевропејци, им нанесоа тежок удар на плановите за понатамошна европска интеграција, одбивајќи го предложениот нов устав на ЕУ.
Од друга страна, ниту земјите од Централна и Источна Европа не се хомогени. Словачка ентузијастички се надева дека ќе стане членка на Еврозоната, а некои Источноевропејци, особено во балтичките држави, ги поддржуваат заедничките проекти на ЕУ во сферата на одбрана.
Односите меѓу Истокот и Западот во ЕУ сега се толку фрустрирачки, што станаа примамливи поплаките за последиците од обединувањето на Европа, наместо пофалбите на големите достигнувања за човековото достоинство и слободата на нациите да ја изберат сопствената судбина во срцето на континентот, уништен од војната и тоталитаризмот во 20 век.
Популистите во Источна Европа се потхрануваат од реалната разочараност од денешницата. (Платите се многу пониски, така што достигнувањето на Западот изгледа како бесконечен процес.) Тие, исто така, го користат длабокото историско незадоволство: разбирливо е чувство на напуштеност по Втората светска војна и идејата дека ако се развила Западна Европа толку добро во втората половина на минатиот век, тоа било затоа што нејзината посиромашна источна половина беше оставена да страда под диктатурата или едноставно таа била жртвувана.
Западноевропејците сметаа дека пополнувањето на психолошките празнини што произлегуваат од разликите во историското искуство ќе биде полесен поцес. На Истокот, сепак, надминувањето на траумата дека се дел од „крвавите земји“ на Европа, каде што се спроведуваа злосторствата на нацизмот и сталинизмот, останува неисполнета задача. Тоа е нешто што Западоевропејците не можат целосно да го сфатат, едноставно затоа што нивната меморија е поинаква.
Тоа не значи дека треба да ги затвориме очите пред отстапувањето од демократијата: ЕУ мора да ги брани своите начела ако сака да преживее. Но, препознавањето на товарот и страдањата што ги преживеаја нашите источни соседи и почитувањето на наследството од народните бунтови во 1989 година, во голема мера може да помогне во надминувањето на некои од денешните спорови.
Неодамна во Братислава се запознав со писателот Федор Гал, еден од хероите на востанието во Чехословачка во 1989 година. Кога го прашав за тензиите меѓу Истокот и Западот во денешна Европа, тој го изјави следново за неговиот регион: „Ние се уште не сфативме дека Европа е пат, а не само извор на приходи“.
Ако сакаме да најдеме начин да се поврземе едни со други, а не само да зборуваме за квоти или пари, треба да покажеме дека сме начисто со историјата. Спротивставувањето на лошото однесување, кога тоа ќе се појави е неопходно, но не е доволно. Ние од Западот го носиме нашиот дел од одговорноста за проблемите на Европа. Мораме да си признаеме дека европскиот проект исто така е пат и за нас.