Во Штип денеска и утре ќе се одржи уличниот фестивал Баскерфест, кој што претставува прв меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија, признат како најголем настан од ваков вид во регионот.
Советникот за информирање во Општина Штип, Кристина Костова вели дека станува збор за значајна културна атракција во многу земји, во чијашто програма се вклучени повеќе од 50 артисти, акробати, танчери, магионичари, музичари, жонглери. Вечерва настанот почнува во 19 часот на Градскиот плоштад Слобода.
Посетителите ќе имаат можност да проследат, но и интерактивно да се вклучат во повеќе од 20 точки на артисти од целиот свет, а како што вели таа ќе уживаат со акробатот Енди Ди од Канада кој изведува акробации со помош на огромен хулахоп, ќе се забавуваат на Мистер Ф од Франција- баскер изведувачот кој ќе ги освои со џиновскиот балон, крвта ќе им се смрзне од точката на Козани и Венди од Аргентина.
Со Еспума Брума која оди на јаже ќе имаат адреналиско доживување, од далечната Јапонија ќе долета Хиро-Сан, мајсторот на боречките вештини, а ќе може да го погледнат и Максимо Оптимо кој беше дел од шпанската верзија на „Јас имам талент“, со точката која предизвика бурни реакции- жонглирање со моторни пили.