Романската полиција денеска се судри со антивладините демонстранти кои протестираат ширум земјата поради законот, за кој тврдат дека ќе ја олесни корупцијата на високо ниво.

Стотина демонстранти денеска се собраа пред владините канцеларии веејќи романски, американски и европски знамиња и извикувајќи „Нема да се откажеме“.

Протести се одржани и во другите романски градови, меѓу кои и Брашов, Сиби и Јаши.

Претходно, демонстрантите влегоа во Парламентот, каде одржаа гласен протест. Тие протестираа пред кабинетот на Ливиј Дранге, лидерот на владејачката Социјалдемократска партија, кој не може да биде премиер бидејќи во 2016 година беше осуден за лажирање на гласови.

Демонстрантите држеа транспарент на кој пишуваше „Гнездо на крадци и мафијаши“ и го повикаа Директоратот за борба против корупцијата. Протестот беше емитуван во живо на некои романски телевизии.

Ненајавениот протест почна додека премиерката Вјорка Данчила држеше говор во Парламентот за претстојното романско претседавање со Европска унија.

Романскиот Парламент во понеделникот изгласаа ревидирани статути поврзани за кривичната правда, за кои критичарите предупредуваат дека претставуваат назадување во кривичното гонење на осомничените за корупција.

Во исто време, романскиот суд денеска го осуди поранешниот министер за сообраќај Дан Сову на три години затвор поради тргување со влијание. Според обвинителите тој добил 100.000 евра за да го убеди директорот на државната топлана илегално да потпише тригодишен договор со одредена правна фирма, заобиколувајќи ги интерните правила на компанијата.

Пресудата за Сову е конечна.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 02:05