Познатиот косовски публицист Ветон Сурои ги советува политичарите во неговата земја да престанат со ветувањата дека ќе има визна либерализација, бидејќи тоа нема да се случи годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Сурои, граѓаните на Косово ќе можат да патуваат во Европа без визи, евентуално, од идната година.
- Политичарите не прават добро со тоа што продолжуваат да ветуваат визна либерализација. Нема да има позитивна одлука за оваа година; за можноста тоа да се случи во 2019 година се очекува да се разговара на крајот на годинава. Ова е одлуката која се подготвува да се објави во Брисел на крајот на месецот, напиша на Фејсбук Сурои, кој, поради блискоста со западните центри, важи за добар познавач на тамошните политики.