Токио и Вашингтон мора да бидат воздржани кон Северна Кореја се додека земјата не преземе први чекори кон денуклеаризација, изјави денеска јапонскиот министер Итсунори Онодера.

- Северна Кореја уште мора да покаже конкретни чекори кон денуклеаризација, изјави Онодера пред состанокот со воениот командант Филип Дејвисон во Токио.

Дејвисон во мај беше именуван за командант на американската Индо-пацифичка команда.

Претходно, неименуван претставник на јапонската Влада најави дека Токио одлучи да ги стопира воените вежби, чија цел беше подготовка за евентуален ракетен напад од Северна Кореја. За годинава беа предвидени вежби за евакуација во девет префектури. Според него воените вежби се укинуваат „со оглед на меѓународната ситуација“.

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата во Сингапур ветија дека „ќе работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, а Трамп најави дека ќе ги стопира заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои ги нарече „провокативни“.

Северна Кореја минатата година лансираше две ракети кои прелетаа над Јапонија и ја изведе шестата нуклеарна проба.

Јапонија својата прва вежба за евакуација ја спроведе во јануари, а помалите јапонски градови и села организираа слични вежби откако Северна Кореја продолжи во развивање на својата ракетна и нуклеарна програма за вооружување.

Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе претходно изјави дека сака да се сретне со Ким за да разговара за Јапонците киднапирани од севернокорејски агенти пред повеќе децении. Пјонгјанг во 2002 година призна дека во 70-тите и 80-тите години на минатиот век биле киднапирани 13 Јапонци, додека Токио тврди дека се киднапирани 17 лица, од кои петмиан се вратени дома.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 12:18