Владата на СДСМ треба да престане да прави театар од македонското земјоделие, и веднаш да започне да се справува со реалните проблеми на земјоделците. Љупчо Николовски очајно се обидува да креира позитивна слика во македонското земјоделие, во време кога земјоделците се на работ на егзистенцијата.
Додека министерот за земјоделие, Љупчо Николовски држи прес конференции и во јавноста испраќа штури соопштенија без никаква содржина, македонскиот земјоделец се справува со егзистенцијални проблеми. Да го потсетиме министерот дека цените на краставиците и пиперките изнесуваат катастрофални 10 денари по килограм, а цената на доматот изнесува 5 денари за килограм.
Со ваквите цени на овие култури земјоделците не можат да си ги вратат ни парите кои ги вложиле, а не ни помислуваат на профит.
Покрај ниската цена проблем за земјоделците во овие моменти е и пласманот, односно откупот, кој во овие моменти е речиси целосно стопиран. Откупот на доматот, пиперот и краставицата е значително намален и речиси да нема некој кој ги откупува овие земјоделски продукти.
Иако сме на прагот на жетвата, се уште не е позната цената по која ќе се откупува пченицата, а ако се водиме по претходното искуство со останатите земјоделски производи, не може да се надеваме на задоволително ниво на цена за земјоделците.
Лошите временски прилики, и невремето уништи голем дел земјоделски култури во повеќе региони во Република Македонија, а Николовски се уште го нема нигде. СДСМ и Љупчо Николовски мора да ја согледаат реалната слика во Македонија, тие мора да ја согледаат реалната слика во земјоделието и нивните проблеми. Штетите кои се настанати од временските непогоди мора да бидат исплатени, земјоделците заслужуваат достоинствени цени на земјоделските производи како и пласман за истите. Земјоделците заслужуваат достоинствен живот, а не шарени лаги.