Туристичките бизниси во регионите на Охрид, Струга, Дебар, Центар Жупа и Вевчани далеку заостануваат зад новитe трендови. Треба сериозно да го преиспитаат својот пазарен пристап и да ги направат понудите попривлечни за современите туристи кои бараат автентични искуства со додадена вредност.
Ова го идентификувал тимот на проектот „Воведување паметен туризам и споделена економија“ што се спроведува од декември 2017 година со финансиска поддршка од ИПА фондот за прекугранична соработка.
Проектниот тим утврдил и дека е недоволно висока свеста меѓу давателите на туристички услуги за важноста од дигитализација и ИКТ технологиите кои се применуваат во туризмот.
- Овој проект е единствен од ваков тип и е дизајниран да го подобри професионалниот развој кај клучните засегнати страни, односно индивидуалните претприемачи кои живеат и работат во целните општини: занаетчии, занаетчии, земјоделци, спортисти, кои не се вклучени директно во туристичкиот сектор. Во рамки на проектот ќе бидат вклучени и локалните туристички даватели на услуги: сместувачи, туристички водичи, локални агенции, семејни ресторани кои се веќе во туристичкиот сектор, како и јавните институции поврзани со управувањето со културното и природното наследство: музеите, галериите и националните паркови кои треба да станат дел од туристичката понуда и да се модернизираат, велат од проектот.
Целта е да се воведе концепт за развој на паметен туризам базиран на иновативна и ефикасна употреба на ендогени културни и природни ресурси и постоечки човечки капитал.
Партнери во проектот се Институтот за истражување за животна средина, градежништво и енергетика - ИЕГЕ, Асоцијацијата Локална агенција за развој - Струга, како и Општина Мат и Биолози на Албанија, од Албанија.