Потребно е зголемување на свеста и капацитетите претпријатијата за е-трговијата, но и едукација на населението за јакнење и зголемување на дигиталните вештини за поголем раст и развој на е-трговијата во земјата. Ова е една од клучните порепораки содржани во Извештај од анализата на е-трговијата во Македонија што денеска го промовираше Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија (АЕТМ).

- Потребно е зголемување на свеста и капацитетите на микро, малите и средните претпријатија за е-трговијата, но и едукација на населението за јакнење и зголемување на дигиталните вештини бидејќи 49 отсто од анкетираните е-трговци како најголем предизвик го наведуваат наоѓањето на соодветен кадар за работа, а од оние кои нарачале онлајн, како една од причините го наведуваат немањето потребни вештини, истакна претседателот на АЕТМ и ко-автор на анализата д-р Нина Ангеловска.

Според Ангеловска, потребно е и ревидирање на постоечката регулатива и нејзино усогласување со европското законодавство што ќе биде уште еден чекор кон раст на е-трговијата.

- Преку воведување на регистар на е-трговци ќе се помогне за нивна промоција, но и ќе се овозможи сигурност на потрошувачите. Даночните олеснувања и субвенции за достава при извоз се уште еден механизам преку кој може да се помогне на е-трговците, вели Ангеловска посочувајќи на дел од препораките.

Република Македонија има голем напредок во обезбедување на потенцијал или неопходни услови за обавување е-трговија во однос на 2010 година и во споредба со земјите од регионот има обезбедено подобри услови за развој на е-трговијата.

- Иако имаме напредок во условите, сепак само 20 отсто од населението со пристап до интернет направило нарачки онлајн што ја става Македонија на дното, единствено пред Црна Гора. И покрај напредокот во создавање на услови за раст на е-трговијата индикативно е што имаме пад во рангот на одредени индекси со соодветни индикатори како логистички перформанси и подготвеност за е-трговија, потенцира Ангеловска.

Вицегувернерката Маја Кадиевска Војновиќ за истакна дека Народната банка ги поддржува сите овие добри инцијативи што значат поголема дигитализација на економијата, развој на трговијата, ширење на други начини на канали на продажба. Долгогодишна заложба на НБРМ, како што кажа, е поголема дигитализација во плаќањата, а со тоа и намалување на кешот во употреба.

Извештајот насловен „ Подготвеност, потенцијал, фактичка состојба, бариери и препораки за развбој на е-трговијата во Република Македонија“ инициран и изработен од АЕТМ содржи три дела: анализа на подготвеноста на Македонија за е-трговија, фактичката состојба и препораки за развој и раст.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 15:30