Вишокот домати да го откупат домашните капацитети, договара деновиве Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со преработувачите.

Според МЗШВ, точно е дека во моментов откупот на доматите е отежнат, зашто расте понудата на традиоционалните пазари од тамошните домашни производители.

- Изминатите три недели тимови на Министерството за земјоделство се постојано на терен, во комуникација со откупувачите и со земјоделските здруженија. Почетната откупна цена на доматите беше 25 до 30 денари за килограм, а сега е 10 до 15 денари за килограм. Со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците, МЗШВ веќе е во комуникација и договара, вишокот на домати да го откупат домашните преработувачките капацитети, наведува Министерството.

Се следи и производната цена на доматите преку ФАДН системот, како и продажната цена на големо преку Земјоделскиот пазарен информативен систем. Ако се увиди дека земјоделците остваруваат загуби од производната и продажната цена, Министерството најавува дека може да излезе со дополнителни мерки за производителите на раниот домат.

- МЗШВ интензивно работи и на отворање нови пазари за македонските земјоделски производи. Уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите, да помогнат во делот на отворањето на странските пазари за македонските земјоделски производи. Од друга страна, МЗШВ има изготвено листа од околу 50 заинтересирани фирми за инвестиции, од кои дел се заинтересирани за изградба откупно-дистрибутивни центри, за што работните групи во МЗШВ веќе имаат направено мапирање на региони каде би се граделе. Се ова ќе помогне во решавањето на пласманот на земјоделските производи, наведуваат од Министерството.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 15:47