Не е точен аргументот дека се сочувани националниот идентитет на Македонците и јазикот, бидејќи тоа се стекнати права. Апсолутно не може тоа некој да го прикажува преку една димна завеса во јавноста дека тоа е некаква придобивка за македонскиот народ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во неговото гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат М Телевизија.

– Ние не само што не ги задржавме тие стекнати права туку ги изгубивме, бидејќи сега веќе не сме Македонци, туку сме граѓани на Република Северна Македонија и тоа недвосмислено го кажува премиерот на соседната држава Ципрас и министерот Коѕијас. Од наша страна на тие изјави не слушнав ни еден демант, напротив слушам молк, а молчењето во многу наврати значи одобрување, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски истакна дека сега во личните карти во државјанство/националност стои Македонско/Macedonian, а во иднина тоа ќе го нема и ќе стои Македонско/Граѓанин на Република Северна Македонија.

– Ќе бидеме Македонци во територијата на Северна Македонија, а порано бевме Македонци во цел свет, нагласи Мицкоски.

Во врска со јазикот тој посочи дека сега со фуснота ќе се до објаснува јазикот иако никому никогаш и никаде во светот не му беше потребна таа фуснота, а сега самите си ја додадовме таа фуснота.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 02:13