Пентагон ќе отстапи простор во воените база за сместување на 20.000 деца мигранти без придружба, кои ќе бидат приведени при илегално преминување на американско-мексиканската граница, изјави портпаролот на американското Министерство за одбрана Џејми Дејвис.

Барањето Пентагон да обезбеди привремено сместување на децата мигранти беше испратено од Министерството за здравство, кое ќе управува со тие прифатилишта.

Дејвис наведе дека просторот во воените бази ќе биде на располагање до крајот на годината.

Се уште не е познато кои бази ќе бидат користени за сместување на децата мигранти.

Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис вчера изјави дека Пентагон „ќе одговори ако е потребно“ во смествување на мигрантите приведени при илегално преминување на американско-мексиканската граница.

Тој истакна дека Пентагон ќе поддржи се што Министерството за внатрешна безбедност или Министерството за здравство ќе наведе како потребно.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата потпиша извршна уредба со која на имигрантските семејства, кои илегално ќе ја поминат јужната граница на САД им се овозможува да останат заедно додека го чекаат исходот од имиграциската постапка.

Трамп потенцира дека ќе продолжи со политиката „нулта толеранција“, која подразбира кривично гонење на сите возрасни лица кои ќе бидат фатени како нелегално ја преминуваат границата на САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 10:59