Холандскиот Парламент блокираше отворање пристапни преговори на Албанија со Европската унија. Потегот е преземен пред самитот на Унијата во следната недела кога Тирана очекува да добие одобрување за почеток на преговори за членство.

Повеќе од половината пратеници, 76 од 150 вклучително и пратеници кои ја поддржуваат владата на премиерот Марк Руте блокираа почеток на преговоири на Албанија со ЕУ. Тие наведуваат дека постои „сериозна загриженост околу борбата против корупцијата“.

Почетокот на преговори за членство на Албанија и на Македонија во ЕУ поддржаа Социјалдемократите и Зелените кои имаат вкупно 33 пратеници. Тие оценуваат дека балканските држави ќе работат на владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата ако имаат јасна перспектива за зачленување.

Пратеникот на демохристијаните Мартин ван Хелверт рече дека Холандија регистрира се поголемо влијание на Русија и на Кина на Западен Балкан, но нема причина да се прават компромиси за критериумите за членство.

Советот на ЕУ за општи работи в понедленик и во вторник ќе разгледува почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. В четврток и петок е состанок на шефови на држави и влади на членките на Унијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 12:53