Сторијата поврзана за насловната страница на новиот број на американскиот неделник „Тајм“ со фото илустрација на расплакано дете на имигрантка од Хондурас, кое стои спроти претседателот на САД Доналд Трамп, со наслов „Добедојдовте во Америка“, доби нов пресврт, бидејќи се покажа дека не само што двојчето не е присилно одделено од мајката, туку тие две го напуштиле Хондурас без знаење на таткото и другите деца.
Фотографијата предизвика бес во јавноста кон политиката на администрацијата на Трамп на разделување на родителите имигранти од нивните деца, од што Белата куќа во меѓувреме се откажа.
Би-Би-Си пренесува дека благодарение на таа фотографија непрофитна организација од Тексас „Центар за образование и давање правни услуги на бегалци и имигранти“ по пат на донаторска кампања на Фејсбук обезбедила 17 милиони долари.
„Тајм“ вчера објави дека фотографијата за „Гети имиџис“ ја фотографирал Џон Мур, добитник на Пулицерова награда, кој со години фотографира имигранти на граничните премини меѓу САД и Мексико.
Спорната фотографија на Мур направена е оваа недела.
-Овој пат ми беше многу тешко. Штом се беше завршено, ги ставија (имигрантите) во комбе. Морав да застанам и длабоко да земам здив неколкупати. Се што сакав во тој момент беше да ја земам во прегратка. Но, не го можев тоа, рече Мур.
Тој за Би-Би-Си изјави дека мајката и двегодишното девојче од Хондурас, со сплав ја минале реката Рио Гранде, која ги раздвојува САД и Мексико. Тој рече дека додека девојчето и нејзината мајка, членови на американската погранична патрола, ги носеле во пограничниот град Мекален во Тексас. Претходно Мур за „Тајм" рекол дека само мајката била однесена.
Сега се испостави дека девојчето во розевата јакна не е една од илјадниците имигрантски деца, кои се одделени од родителите.
- Мојата ќерка стана симбол на одвојување на децата на границата со САД. Можеби го допрела и срцето на претседателот Трамп. На секој му се распарува срцето кога гледа што и се случило во тој момент, изјави таткото на девојчето Денис Валера.
Тој наведе дека девојчето, заедно со нејзината мајка Сандра Санчес, биле притворени во Мекален, откако Санчес побарала азил во САД.
Заменичката на министерот за надворешни работи на Хондурас Нели Херес ја потврди верзијата на Денис Валера. Според информации на британскиот весник Дејли мејл, двегодишното девојче се вика Јанела Дениз.
Таткото на девојчето рекол дека мајката и таа заминале од градот Пуерто Кортес во Хондурас, а не го информирале него, ниту другите три деца на возраст 14, 11 и шест години кои ги имаат Валера и Санчес.
Валера вели дека верува оти Санчес и најмалата ќерка тргнале за САД во потрага по подобри економски можности.
Тој мисли дека Санчес платила 6.000 долари на криумчари за да премине преку граница со нејзината ќерка.
Американскиот претседател Трамп во средата потпиша извршна уредба, која им овозможува на семејствата, кои илегално ја преминале јужната граница на САД, да останат со своите деца додека чекаат на исходот од процесот за имиграција.