Соопштение до јавноста - реакција на соопштението на СДСМ

СДСМ продолжува со лагите и манипулирањето на јавноста, а само просечната плата во Македонија варира повеќе од ставовите на Зоран Заев. Црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев продолжува со уништувањето на македонската економија. Ова трио е најодговорно за осиромашувањето на македонските граѓани кои се доведени на работ на егзистенцијата, цените растат, а просечната плата не е доволна за да ги задоволи основните потреби на граѓаните.

Промената на моделот за пресметување на просечната плата единствено доведе до манипулација со статистичките податоци, но на ниеден начин не го подобри стандардот на обичниот граѓанин. СДСМ треба да ги симне розовите очила и да види што се случува во Македонија, да ја погледне реалноста и да види како живее просечниот граѓанин.

Тевдовски ветуваше „живот“ како во Данска, а актуелните политики на владата на СДСМ прават Македонија да наликува се повеќе и повеќе на некоја земја од Африка. Како и на секое поле СДСМ на полето на економијата оствари една голема нула. Економскиот раст за 2017 изнесуваше нула проценти, а во првиот квартал од 2018 очајни 0.1 проценти раст на БДП.

Реален пораст на просечната плата може единствено да се случи доколку има раст во економијата, а такво нешто нема. Дури и самата влада со својата фискална стратегија признава дека нема да достигне раст од 500 евра просечна плата колку што ветуваше. Со стратегијата испечатена од Владата се предвидува пораст на номиналната нето-плата за 2018 година во вредност од четири проценти, а за 2019 и 2020 соодветно 4,4 проценти. Ако имаме предвид дека 2017 ја завршивме со просечна плата од 23 илјади и 850 денари и сето тоа го помножиме со оваа претпоставка дека ќе растат платите, тогаш на крајот од нивниот мандат, под услов да нема предвремени парламентарни избори, просечната номинална нето-плата не може да надмине бројка од 27 илјади денари. Што значи дека од владата лажат сушат.

Изминатите година дена потсетуваат на времињата од криминалната транзиција, се поголем број на компании отвораат стечајна постапка, олигарсите блиски до СДСМ кои го стекнаа богатството во 90-тите повторно се богатат на грбот на граѓаните, а ветениот „живот“ дојде единствено за оние блиски до Заев и СДСМ. Ова осиромашување на граѓаните мора да сопре, граѓаните заслужуваат подобар стандард.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2018 20:09