Познатиот американски кувар Ентони Борден не бил под влијание на наркотици кога на почетокот од месецот изврши самоубиство, соопшти полицијата во Франција.
- Нема траги од наркотици. Нема траги од никакви токсични производи. Има траги од лекови во терапевтска доза. И има траги од алкохол, се наведува во токсиколошкиот наод.
Борден (61), кувар, писател и телевизиско лице на 8 јуни е пронајден мртов во хотелска соба во Франција, а кремиран е минатата недела. Тој се обеси во бањата на еден француски хотел, по што е покрената истрага, која требаше да ги утврди околностите на смртта.
Емисиите на Борден од 2013 година се емитуваа на Си-Ен-Ен, а во секоја епизода тој патуваше по светот и ги истражуваше локалните култури и кујни.