Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека треба да се воведат финансиски санкции против земјите членки на Европска унија кои одбиваат да примат бегалци.
- Не може земјите кои имаат корист од европската солидарност да покажуваат егоизам кога станува збор за миграциските проблеми, истакна Макрон на заедничката прес конференција во Париз со шпанскиот премиер Педро Санчес.
Макрон и Санчес изјавија дека се согласни да се формираат центри од затворен тип во европските земји, во кои ќе пристигнуваат мигрантите. Во тие центри ќе бидат проверувани имигрантите и на дел од нив ќе им се доделува азил, а другите ќе бидат враќани во земјите од каде потекнуваат.
Такви центри во Европа сега не постојат, со исклучок на Грција и Италија, со кои раководи Високиот комесаријат на Обединети нации за бегалци.
Прашањето за мигрантите утре ќе биде на дневен ред на мини самитот во Брисел, кој го бојкотираат земјите од Вишеградската група (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка), кои не сакаат да примат мигранти.