Претседателот на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи ќе се сретнат денеска во Брисел по тримесечна пауза, но по досегашните изјави од двете страни нема оптимизам за евентуален напредок во дијалогот Белград - Приштина, што се одвива под покровителство на Европската унија.

На средбата посветена на „отворените прашања како формирање на Заедница на српските општини, енергетиката и мостот во Косовска Митровица“ ќе присуствува и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини.

Од последниот разговор на техничко ниво во средината на март не е постигнат никаков напредок, а во меѓувреме се зголемија тензиите меѓу двете страни со меѓусебните обвинувања за неподготвеност на компромис.

Вучиќ изминатите денови изјави дека Приштина под влијание на западните ментори не сака компромисно решение, додека Косово сака преговорите да завршат со правно обврзувачки договор, што би значело дека Белград треба да ја признае косовската независност и државност во сегашните граници и без никакви отстапки од српска страна.

Косовските претставници инсистираат прво да се преговара за енергетиката, а потоа за формирање на Заедница на српски општини, што е договорено во април 2013 година.

На денешната средба Могерини - Вучиќ - Тачи, шефицата на европскатра дипломатија ќе има билатерални средби со претседателите на Србија и на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2018 16:28