Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека од другите членки на Европската Унија ќе побара начин како да се постигне „разумно балансирање“ во распределувањето на мигрантите што бараат азил во ЕУ, но дека ќе зборуваат и за заштита на надворешните граници на Унијата со цел намалување на илегалната миграција.

- Знаеме дека во Европскиот Совет немаме целосно решение за прашањето на мигрантите. Затоа ќе имаме билатерални и трилатерални договори со кои ќе гледаме како можеме да си помогнеме едни на други, и нема секогаш да чекаме на сите 28 членки, изјави Меркел на почетокот на денешниот самит за мигранцијата што се одржува во Брисел. Меркел го свика самитот откако се соочи со опасност за пад на нејзината Влада поради незадоволството на клучниот коалициски партнер - баварската конзервативна партија ЦСУ - која бара построга контрола на германските граници. Вишеградските земји, Унгарија, Чешка, Полска и Словачка, одбија да присуствуваат на самитот во Брисел стравувајќи дека Меркел ќе ги обнови своите барања до нив да примат повеќе мигранти.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој ја претставува новоформираната Влада избрана во голема мерка благодарение на ветувањата дека ќе се запре илегалната миграција во Италија, рече дека има свој предлог за мигрантското прашање.

- Имаме шест услови и десет цели со кои сакаме да ги регулираме и менаџираме тековите на мигрантите на ефективен и одржлив начин. Предлогот има за цел да ја надмине Даблинската одредба, изјави Конте, зборувајќи за правилото на кое се повикуваат баварските конзервативци, дека земјата во која мигрантите првпат поднеле барање за азил, што честопати е Италија или Грција, ќе мора да ги прими назад. Конте воедно најави дека ќе побара кратење на ЕУ фондовите за земјите кои одбиваат да примат мигранти од другите, претрупани земји. Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини, за време на самитот, преку Твитер им порача на невладините организации на милијардерот Џорџ Сорос, кои ги обвинува за транспорт на мигранти од Либија до Италија, дека италијанските пристаништа ќе останат затворени за нив. По затворањето на рутата од Либија до Италија, еден брод полн со мигранти се упати кон Шпанија, каде Владата се согласи да ги прими, а за друг се води спор меѓу Италија и Малта.

- Нашата позиција е дека Шпанија ги исполнува своите обврски во овој глобален предизвик, особено со мигрантските текови кои сега доаѓаат во западното Средоземно Море, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на почетокот на самитот.

Се очекува по самитот своја изјава да даде претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 03:06