Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека денешните разговори меѓу Србија и Косово, кои се одржуваат под покровителство на Европската Унија, се тешки и во напната атмосфера.

- Нашите позиции се доста далеку. Сепак мислам дека и нашата делегација, но и претставниците на Приштина, ја разбираат важноста од продолжувањето на дијалогот и се надевам дека и другата страна ќе разбере дека е потребно со ладни глави да се размислува за изнаоѓање решенија. Очекуваме и приштинската страна да разбере дека прашањето на Косово не е завршена работа, што веројатно е видливо и јасно. Меѓународните околности и сфаќањето на овој проблем ширум светот се сменија, изјави Дачиќ, кој прв даде изјава по почетокот на разговорите меѓу претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи со европската претставничка Федерика Могерини.

Средбата во Брисел е прво продолжување на разговорите меѓу Србија и Косово по подолгата пауза предизвикана пред се од политичката криза на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 03:15