Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во гостување во вестите на телевизија Алфа, истакна дека, опозицијата има сериозни индиции дека СДСМ се обидува да креира инциденти на мирните протести против промена на името.

Според Јанушев, опозициската ВМРО-ДПМНЕ располага со информации за средби на високи партиски претставници на СДСМ со членови на подземјето кои се користени да предизвикуваат немири на актуелните протести пред Собранието.

-Па ова тврдење го темелиме врз основа на фактот дека имаме сериозни индиции и информации дека во последниот период структури од СДСМ, заедно со структури од власта, повеќе пати низ скопските кафулиња се сретнувале со одредени групи од, да кажеме, македонското или скопското подземјето, кои што биле на некој начин мотивирани да предизвикуваат немири се со цел да се да обвини ВМРО-ДПМНЕ, да се делигитимира и на некој начин да се тргнат сите оние аргументи кои што ги имаме и да пробаат да го одземат она што се обидуваме да го направиме, а тоа е да ги заштитиме националните интереси и да се бориме со сите демократски и институционални механизми против овој штетен договор, капитулантски договор за Република Македонија, вели тој.

Јанушев подвлекува дека опозицијата ги поддржува сите мирни протести кои се организираат на социјалните мрежи, но го осуди насилството и начинот на кој полицијата се справува со протестите и прекумерно употребува сила.

-ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува сите мирни протести во оваа држава, впрочем тоа сме го докажале и во минатото. Кога ВМРО-ДПМНЕ организира протести тоа јавно го соопштува со време и место и ги повикува сите граѓани. Истовремено, исто така го осудуваме и насилството, особено го осудуваме и начинот на кој што полицијата се справува и непотребно и прекумерно употребува сила, шок бомби, гумени куршуми и сте она што имавме прилика да го видиме во минатото. Меѓутоа ќе повторам ,ВМРО-ДПМНЕ секогаш поддржувала ќе поддржува мирни протести, впрочем тоа е и демократски начин да се изрази незадоволство, односно волјата на народот, што гледаме дека во последниот период и тоа како граѓаните го искажуваат против, штетниот капитулантски договор, истакна Јанушев.

За крај тој заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој договор и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе сите институционални и демократски мерки за овој договор ваков каков што е да не го види светлото на денот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 03:25