Со договорот со Грција ќе бидат променети учебниците. Се брише целата македонска нација и се она што постоело. Со ова се создава една нова творевина со еден сосема нов народ и се она што постоело до ден денешен ќе треба да биде избришано, изјави во вестите на Алфа телевизија, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Јанушев истакна дека ќе бидат сменети сите топоними и ние како Македонци нема да можеме да имаме право Солун да го нарекуваме Солун или Воден и сите останати и Кукуш каде што е роден Гоце Делчев, туку треба да ги користиме сите грчки термини.
Тој потенцираше дека власта за да го оправда договорот кажува големи лаги- дека ќе се живее подобро и дека морало да биде така.
– Првата лага е дека после овој договор ќе се живее подобро. Тоа не е точно, бидејќи дали ќе се живее подобро зависи од тоа кој ја води оваа држава, а во изминатата година видовме дека оваа влада не само што не знае како да ја води државата, туку имаме колапс до колапс, како на економски така и на политички план.
За втората лага на власта, како што рече Јанушев, ниту морало ниту требало да биде така, затоа што се што прави власта е бришење на македонскиот идентитет, бришење на јазикот, бришење на националноста.
Во врска со изјавите на премиерот дека со договорот се зајакнувал македонскиот идентитет, Јанушев посочи дека сите го виделе премиерот како се колне во своите предци и деца дека нема да го менува Уставот, но сега прави нешто сосема друго и затоа нема веќе жив човек кој верува во лагите на Заев.
– После сите изјави кои што ги имаме чуено од страна на премиерот, нема жив човек во Република Македонија кој што верува веќе во зборовите на премиерот. Тој излегуваше многу пати по медиуми и јавно се колнеше во своите предци и своите деца дека нема да го чепне Уставот дека тоа се нашите корења, меѓутоа гледаме денеска што се случува. Така да ќе повторам- нема жив човек кој верува во она што премиерот го кажува, истакна Јанушев.