Регионалната стабилност и мирот се високо во приоритетите на Владата и токму затоа активно работиме на безбедносната соработка. Ова е особено важно бидејќи новите безбедносни предизвици најчесто ги надминуваат капацитетите на една држава. Резултат на ваквата владина политика се договорите со Грција и со Бугарија.

Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на отворањето на Годишниот состанок на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност од Парламентите на земјите во ЈИЕ, чиј домаќин е Комисијата за одбрана и безбедност при македонското Собрание во соработка со Центарот за безбедносна соработка - РАКВИАК.

- После долги години застој и проблеми Македонија и Грција успеаја да најдат решение за веќе тридеценискиот проблем. Овој историски договор дојде неполна година по Договорот со Бугарија. Овие два договора покажаа дека во Македонија состојбите се менуваат од корен, но тие ќе беа залудни доколку институциите на Македонија не покажаа политичка волја и резултати и во делот на домашните реформи, рече Шекеринска.

Според неа, нема безбедност без слободни медиуми, без слободни и демократски избори, без вистинска контрола, побено врз разузнавачкиот систем, без модерна војска прилагодена на модерните предизвици.

- Она што ќе се случува во наредните две недели ќе има широки и долгорочни, последици, позитивни очекуваме по безбедноста и политичката клима во Македонија. Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, добивањето покана за членство во НАТО ќе бидат мотив плус да продолжиме со овие засилени реформски приоритети за кои убедени сме, ќе ја добиеме и поддршката на Собранието, рече министерката за одбрана.

Таа нагласи дека Република Македонија континуирано инвестира и придонесува во одржувањето и зајакнувањето на меѓународниот мир и безбедност преку интензивно и постојано учество во меѓународните операции предводена од ОН , НАТО и ЕУ.

- Од 2002 година до денес Република Македонија упати преку 4.000 воен персонал во различни меѓународни мисии со согласност и верификација во Собранието на РМ. Ова е вистински начин како Собранието обезбедува целосна контрола во областа на безбедноста и одбраната со креирање на политики, ратификација на договри, контрола на Буџетот и јавните трошоци. Тоа покажува дека оваа земја без оглед на сите политички разлики е обединета во својата крупна цел да станеме демократска, стабилна и просперитетна држава, членка на ЕУ и НАТО, порача Шекеринска.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери меѓу другото се осврна на договорите со Грција и Бугарија со кои се надминати отворените антагонизми што ги оптоваруваа билатералните односи, а кои влијаат и врз регионот. Според него, Република Македонија со овие договори не само што ги уреди билатералните односи со соседите, не само што го деблокира својот пат кон евроатлантските организации, туку дава историски придонес во стабилноста, мирот и евроатлантсклата перспектива.

- Западен Балкан се помалку личи на буре барут и мислам дека сите заедно, му даваме многу јасна европска перспектива. А како се дојде до сето ова? Прво е политичката волја на актуелчните политички лидери и актулените влади овие проблеми и антагонизми да се решат. До решението се дојде само преку дијалог и отвореност за аргументите и на едната и на другата страна. Законот за ратификација на Договорот со Грција помина во Парламентот. Јас очекувам дека и сите други државни институции, вклучително и претседателот на државата ќе го почитуваат Уставот и парламентарната демократија. А дали овој Договор ќе биде имплементиран или не сепак на крајот ќе одлучат граѓаните на референдум, а ние како одговорни политичари таа волја ќе мора да ја почитуваме, рече Џафери.

Директорот на Центарот за меѓународна соработка – РАКВИАК Хајдар Берк рече дека овој центар од 2013 година работи на промоција на парламнетарниот надзор врз одбраната и безбедноста, како и врз континуиерана соработка, развој и размена на искуствата меѓу комисиите за одбрана и безбеднист на парламентите на ЈИЕ. Основна задача на Центарот е, како што вели, да ги подготви земјите за членство во трансалтантските структири и изрази силна поддршка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

- Тековната безбедносна ситуација во ЈИЕ се карактеризира со еден комплексен развој, транзициони процеси во регионот како и глобални и геостратешки предизвици и можности за прелевање на кризата од регионот. Регионот потенцијално се соочува со опасност од тероризам и нектролирана миграција. Ваквите безбедносни трендови се предизвици на одбраната и во таа смисла оваа конференција дава добра можност за комисиите за безбедност и одбрана да направат ревизија на тековните безбедносни предизвици, оцени Берк.

Конференцијата ја отвори и учесниците ги поздрави претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност при македонското Собрание, Хари Локвенец, кој истакна дека форумот се случува неколку дена по ратификацијата на Договорот со Грција и на неколку дена пред очекуваното добивање покана за членство во НАТО и датумот за почеток на преговори со ЕУ.

- Сите овие чекори кои ги организираме водат кон стабилна иднина, безбедност и просперитет не само во Македонија, туку и во целиот регион генерално. Република Македонија е безрезервно посветена на промовирање на регионалната соработка, разбирање доверба, добрососедство, сигурност и стабилност. Иницијативите за регионална соработка, особено во областа на безбедноста и одбраната повеќе од кога било досега претставуваат основа за зацврстување на мирот и довербата не само во регионопт и пошироко, рече Локвенец.

Очекува на дводневанта конференција, на која учествуваат повеќе од 30 парламентарци, членови на комисиите за одбрана и безбедност и повеќе од 20 државни службеници во регионот, како и голем број експерти, да се разменат мислења, искуства и дека овој процес дополнително ќе ја продлабочи регионалната и меѓународна соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 12:50