Рециклажниот центар на ЈП „Комунална хигиена“ во општина Карпош од денеска ќе почне да функционира по сите европски стандарди, најави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

- На местото на Рециклажниот центар на Град Скопје, всушност се направи една дива депонија. Над 1.200 кубици на смет, преку 300 тони, отпад беа токму овде. Овде се местата на кои граѓаните особено од овој дел на Карпош посочуваа дека во текот на зимата се палат и огнови и сето тоа придонесуваше за загадувањето на воздухот, рече Шилегов на прес-конференција заедно со директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани во рециклажниот двор на „Комунална хигиена“.

Шилегов рече дека во Центарот за рециклажа на отпадот ќе се врши селекција на отпадот, она што може да биде употребено од отпадот да се врати во процесите, а остатокот како отпад ќе се депонира во Дрисла.

- Пластиката не би требало да ја депонираме, пластиката можеме да ја употребуваме на многу поинаков начин. Очекувам овде конечно ќе заживее Рециклажниот центар и со тоа ќе придонесеме и среднорочно и долгорочно градот да има здрава околина, рече Шилегов и додаде дека тука ќе се носи сметот, ќе се претовара ќе се селектира она што може да се употреби во економски цели, а остатокот да се депонира на Дрисла.

Тука досега не се рециклирало ниту селектирало, само се носел сметот.

- Ова е местото кое заедно со Момин поток беше снимано со дрон од граѓаните. Од денеска на оваа локација наместо дива депонија имаме рециклажен двор. Овде отпадот внимателно ќе се селектира и притоа еден дел ќе се носи во Дрисла, а дел ќе се рециклира, рече градоначалникот.

Посочи дека Градот Скопје и тогаш кога загадувањето е невидливо во летниот период работи на отстранување на една по една од причните за загадувањето на амбиенталниот воздух.

- Град Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето и во летниот период кога никој не ги чувствува последиците од загадениот воздух во Скопје. Еден по еден ги елиминираме причинителите за загадувањето во градот. На оваа локација повеќе нема дива депонија. Град Скопје преку ЈП Комунална хигиена ја расчисти дивата депонија која подолг временски период беше една од причините за загадувањето во овој дел од градот. Во континуитет работиме на отстранување на причинителите за загадување на воздухот во Скопје, изјави Шилегов.

Истакна дека проблемот со загадувањето на воздухот се решава само со континуирана и непрекината работа во текот на целата година.

Шилегов ги повика граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето, да се грижат за хигиената во градот и да се вклучат во сите активности што ќе придонесат за почисто Скопје.

- Долги години во Скопје не е работено на ништо, се обидуваме дел по дел да ги отстрануваме тие проблеми. Затоа е и овој Центар за рециклажа каде може да го двоиме отпадот. Во текот на оваа година сериозно ќе ја подобриме инфраструктурата на градот и на ЈП Комунална хигиена во смисла на контејнери во кои граѓаните ќе можат да го селектираат отпадот. Сите сме дел од проблемот кога е загадувањето во прашање и мора да бидеме дел од решението, рече Шилегов.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 14:16