Вработени во акционерското друштво „ТЕ-ТО“ од Скопје во пишана изјава денеска дадоа поддршка за усвоениот План за реорганизација на компанијата.

Ги подржуваат, како што стои во изјавата, сите субјекти кои се заинтересирани и активно работат на изнаоѓање реални решенија кои на компанијата ќе ѝ овозможат да ги надмине проблемите со финансиската стабилност и конкурентноста на постројката на пазарите на енергија со цел да продолжи со својот раст и развој.

- Ние сме убедени дека токму овој план ѝ дава реална шанса на нашата компанија да продолжи да се развива, што претставува најдобра гаранција за стабилноста на работните места и за редовна исплата на плати и придонеси кои овозможуваат просперитет и благосостојбата на сите вработени и на нивните семејства, се наведува во изјавата.

Според изјаваа, мнозинството акционери и доверители на компанијата „и по цена на откажување од некои свои поединечни интереси, покажале висока зрелост и разбирање и дале согласност за реализација на планот за реорганизација, со што обезбедиле предуслови да продолжи редовната работа и функционирање на компанијата“.

- Ги повикуваме останатите малцински акционери и доверители наместо да размислуваат како да ги блокираат започнатите позитивни процеси, да почнат вистински да работат за доброто на компанијата, затоа што само на таков начин таа ќе може да опстане што, секако е и нивен врвен интерес, стои во изјавата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 14:17