Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Обврските преземени со Договорот се косат со Македонскиот устав, се косат со македонската наука, со македонската историја, се косат со македонската идентитетска посебност. Реализацијата на договорот значи сечење на корените на цела нација. Бришењето на Македонија и придавките кои произлегуваат од Македонија од Уставот, се неприфатливи за Македонците кои не се сложуваат доброволно да бидат избришани и претворени во нова вештачка креатура, нација без корен и посебност.
Почитувани,
ВМРО-ДПМНЕ како предводник на опозицијата не се согласува со ваков штетен договор и ќе се спротивстави на неговата реализација. Македонските евро и евроатлански интеграции не треба и не смее да бидат поврзувани со договор кој предвидува бришење на македонската држава и народ.
Имајќи ја предвид улогата на меѓународната заедница во која Република Македонија има свое место, цениме дека ваквите постапки креираат лажна слика за вредностите кон кои цели и Република Македонија. Дотолку повеќе што вакво однесување е во корист на противниците на македонските интеграции, што не е добро за стратешките интереси на Република Македонија.
Последиците на штетниот договор Македонците веќе ги чувствуваат, иако истиот се уште не стапил на сила. Медиуми, политичари и институции веќе почнуваат да ја ословуваат Република Македонија како Северна Македонија, а граѓаните кои се родиле, живееле и создавале како Македонци, да ги ословуваат како северномакедонци.
Почитувани,
Веруваме дека решението на проблемот кој што Грција го имаше со нашето име може и мора да биде поправично, а не на штета на македонските национални интереси. Доколку Зоран Коте Заев го искористеше меѓународниот интерес за решавање на проблемот и преговараше мудро без однапред најавена капитулација, тогаш ќе можеше да се најде и поприфатливо подостоинствено решение.
Договорот нема поддршката во јавноста. Договорот ги крши и Уставот и законите во државата на кој се однесува. ВМРО-ДПМНЕ нема да се поколеба ниту милиметар во своите ставови во однос на овој срамен и капитулантски Договорот за името кој за нас е неприфатлив.
ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на народот и во одбрана на Уставот, интересите на државата и на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија.
Зоран Заев ќе понесе одговорност за антидржавните политики, а Македонија ќе победи!