Иран воведе забрана за увоз на над 1.300 производи, со цел да ја заштити економијата од најавените нови санкции на САД, и да спречи натамошно паѓање на својата валута - ријалот.

Меѓу производите што се забранети за увоз се голем број електрични уреди, текстилни и кожни производи, странски мебел и лекови, како и некои машини. Целта на иранските власти е да го намалат одлевањето на странската валута надвор од земјата, и на тој начин да го стабилизираат курсот на ријалот. На црниот пазар, еден долар се продава за 90.000 ријали, додека во средината на минатата недела, курсот изнесуваше 75.500, додека пред една година беше околу 40.000 ријали за еден долар.

Санкциите што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп може да се одразат на главниот ирански извор на странска валута - извозот на нафта - кој беше олеснет во изминатите години откако претходната американска администрација, Русија, Кина и водечките европски држави постигнаа договор со Иран за запирање на нивната нуклеарна програма.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 23:10