Националната конвенција за Европската унија во Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи Втората сесија на Работната група 2 - Социјална политика и вработување (Поглавје 19), на тема „Регулирање на новите (флексибилни) форми на вработување во реформите на работните односи во Република Македонија“.
На сесијата ќе се разгледаат прашањата поврзани со вработувањето и регулацијата во доменот на трудот како исклучително значајни за општествениот развој, стабилноста и европската перспектива на Македонија.
Акцентот на дебатата ќе биде ставен врз новите движења во доменот на трудот, нивно дефинирање и препознавање во реалноста, со цел тие да го добијат својот општествен легитимитет.
На дебатата ќе се вклучат претставници на релевантните институции, претставници на академската средина, граѓанскиот сектор, релевантни меѓународни здруженија и други заинтересирани стручни лица.
Учесници во сесијата ќе бидат Јована Тренчевска, државен секретар во Министерство за труд и социјална политика, Нано Ружин, ректор на Факултетот за политички науки и дипломатија на ФОН, како и Даниел Гербери, професор по социологија и социјална статистика на Универзитетот „Јан Амос Коменски“ од Братислава.