Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во деталната анализа на договорот помеѓу Македонија и Грција истакна дека договорот е полн со замки од кои губи Македонија. Во тој контекст, тој истакна дека можеме да се доведеме во ситуација, новото име да се користи во домашна употреба на сите институции а ние да бидеме далеку од членство во Европската Унија.

- По влегувањето во сила на договорот помеѓу Македонија и Грција, сите нови официјални документи, кореспонденција и релевантни материјали треба да го соддржат новото име и придавката која произлегува од договорот. Во однос на валидноста на веќе постоечките документи (пасоши, возачки дозволи, лични карти) има два транзациони периоди за менување на истите и тоа технички и политички. Техничкиот се однесува на сите материјали и документи од јавната администрација за внатрешна и надворешна употреба и истите треба да се сменат во рок од 5 години од влегувањето во сила на договорот. Теоретски, сите што извадиле нови документи во последните два, три, пет месеци, нема да можат да ги користат до датумот на истекување, а повеќето се на 10 години, туку после пет години ќе мораат да ги сменат за да добијат документи со новото име, истакна Николоски.

Во однос на политичкиот транзиционен период, Николоски вели дека тоа е само уште една од многуте замки со кои губи Република Македонија а се дел од штетниот договор.

- Со отварањето на секое поглавје во преговорите со Европска Унија ќе почне да се користи новото име, што во превод значи дека при отварањето на поглавје за здравство почнува министерството да се вика Министерство за здравство на Северна Македонија. Но нема никаква гаранција за членство во Европската Унија затоа што и политичкиот дел треба да биде завршен најдоцна во рок од пет години а сите знаеме дека за пет години ние не можеме да биде полноправна членка на Европската Унија, потенцираше Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2018 14:07