Американскиот претседател Доналд Трамп денеска му честиташе победата на Реџеп Тајип Ердоган на претседателските избори во Турција.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Ердоган, двајцата лидери се договориле за унапредување на билатералните односи во областа на одбраната и безбедноста.
- Во телефонскиот разговор Трамп и Ердоган укажаа на потребата од примената на претходно договорениот план за Манбиџ и се согласија да соработуваат во борбата против тероризмот, се посочува во соопштението.
Исто така се наведува дека Трамп и Ердоган ќе се сретнат во Брисел на Самитот на НАТО на 11 и 12 јули.
Односите меѓу САД и Турција во последните месеци се тензични поради низа прашања, меѓу кои и поддршката на Вашингтон на курдските сили во Сирија и турската набавка на противракетните системи С-400 од Русија.
Претходно, Анкара и Вашингтон постигнаа договор за повлекување на припадниците на курдските Народни заштитни единици од северниот сириски град Манбиџ. Народните заштитни единици, кои имаат поддршка од САД, за Турција се терористичка организација.
Вашингтон и се лути на Анкара поради затворањето на американскиот свештеник Ендру Брансон под обвинение за тероризам и поради купување на системите С-400 од Русија.
Комитетот на американскиот Сенат минатата недела усвои предлог закон, кој вклучува одредба да го блокира турското купување на воени авиони Ф-35, а како причина го наведе договорот за купување на С-400 и апсењето на Брансон.
Белата куќа синоќа ја повика Турција да ја зајакне демократијата, еден ден по убедливата победа на претседателот Реџеп Тајип Ердоган на претседателските и парламентарните избори.
- Ја охрабруваме Турција да преземе мерки за зајакнување на демократијата, рече портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Нејзината изјава беше првата реакција на САД по реизборот на Ердоган за претседател.
- Сакаме конструктивни односи со претседателот Ердоган да се соочиме со заедничките предизвици. Ги охрабруваме сите претставници избрани од народот на Турција, вклучувајќи го и претседателот Ердоган, да ги изразат различните ставови на сите турски граѓани и да ја зајакнат турската демократија, истакна портпаролката на Стејт департментот.