Не смееме да дозволиме Република Македонија да биде заложник на нереализираните ветувања на еден човек, на Зоран Заев, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал5 телевизија.
-Имаме договор кој е потпишан од страна на министерот во име на не знаеме кого, бидејќи не го пишува името на нашата држава. Со овој договор се презема обврска да се ратификува договор со просто мнозинство, а презема обврска да направи системски измени во Уставот на Република Македонија за кое е неопходно двотретинско мнозинство. Самото тоа ја доведува државата во подредена положба, вели Мицкоски.
Тој посочува дека денес пратеникот Каменос, кој беше исклучен од партијата Независни Грци, дал јасна изјава.
-За време на координацијата за гласањето на Владата, министерот за одбрана ни кажа дека се договориле со Ципрас дента кога ќе дојде договорот за ратификација во грчкото собрание, тие ќе се договорат да ја распуштат владата, односно да распишат нови предвремени парламентарни избори, со изговор дека немаат намера да ратификуваат такво нешто во нивното Собрание, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека партијата има јасен и прецизен став дека нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име.
-Ниту имало, ниту има, ниту ќе има пазарење кои се надвор од нашите принципи. Ниту јас ќе си дозволам да влезам во било какви пазарења, преговори кои се надвор од принципите на политичкото делување на ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Мицкоски.