Вкупно 2.700 дечиња во општина Карпош од декември 2017 година до 1-ви јуни годинава се прегледани во рамки на проектот за проверка на видот.
Како што информираат од општина Карпош прегледани беа основците од сите десет училишта, а во подоцнежната фаза и дечињата од сите градинки на територија на локалната самоуправа.
Бесплатните превентивни очни прегледи ги спроведе Lions Club Kale преку проект, во соработка со Lions District 132 Club Македонија и USAID.
Примарна цел на проектот е да се откријат евентуалните аномалии со слабиот вид кај најмладите уште во рана фаза и во тој случај, да се препорача посета на стручно медицинско лице – офталмолог, за понатамошен третман.
Иницијатор на овој проект е д-р Мики Филев, член на Советот на Општина Карпош.
Локалната самоуправа и во новата учебна година, интензивно ќе работи на зголемување на детската заштита.
- Овозможувањето подобри услови за престој и едукација во воспитно – образовните установи е приоритет на кој се работи преку различни проекти, но и преку соработка со други чинители, кои покажуваат општествена одговорност и грижа за локалната заедница, се наведува во соопштението од општината.