Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија го поддржува секој договор меѓу Скопје и Атина.

Меѓутоа, како што рече, Србија мора да ги „почитува ставовите на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и на премиерот Зоран Заев“, јави дописникот на МИА од Белград.

Одговарајќи на новинарско прашање после воено-полицијската вежба „Заеднички удар 2018" во Краљево, за ставот на Србија во врска со договорот меѓу Атина и Скопје за идното име на македонската држава, Вучиќ истакна дека тоа се внатрешни прашања, во кои тие не се мешаат:

- Ние не се мешаме во внатрешните односи и сакаме ова прашање мирно да се реши, истакна Вучиќ.

Српските медиуми пренесувајќи ја оваа изјава на Вучиќ пишуваат дека премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, се согласиле дека името на македонската држава ќе биде Република Северна Македонија, а македонскиот претседател одбил да го потпише договорот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2018 13:29