Директорката за Западен Балкан во Генералниот директоријат за добрососедство и преговори за проширување при Европската комисија (ЕК), Геновева Руиз-Калавера, по денешната средба со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, изјави дека наскоро ЕК ќе излезе со предлог за либерализирање на визниот режим за Косово, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Руиз-Калвера, на прес-конференција по средбата со Харадинај, го поздрави постигнатиот напредок на Косово и изрази поддршка од ЕК за европските процеси и реформи во земјата.

- Посетата на Приштина е со цел да видиме каде сме како Косово и ЕУ, односно во имплементирањето на Агендата за европски реформи, конкретно во значајните реформи во владеење на правото, доброто водење на Владата, образованието и вработувањето, кои се мошне значајни. Ние гледаме прогрес и разговараме за предизвиците што не очекуваат, рече Руиз-Калвера.

Таа изрази задоволство од соработката во реализирањето на Агендата на европски реформи и програмата за европски реформи и додаде дека очекува многу скоро да дојде со предлог „процесот на либерализацијата да стане реалност“.

Косовскиот премиер рече дека Косово е посветено на патот кон ЕУ и НАТО и дека на тој пат очекува поголема поддршка од Европската унија.

- Длабоко сум убеден дека во неделите и месеците што следат, и според сугестиите на директорката за проширување, ќе забележиме резултати, токму во оние области кои денес се клучни теми, рече Харадинај.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2018 14:07