Општина Центар денеска почна да ги отстранува терасите пред угостителските објекти откако сопствениците, и по шест месеци, колку што им беше оставено време, тоа не го сторија.
- По бројните жалби на жителите на општината и по донесувањето на решенијата од страна на овластените инспектори, на засегнатите страни им беше оставен простор од повеќе од шест месеци сами да постапат и да ги отстранат незаконски поставените објекти. Бидејќи тоа не го сторија, општината пристапи кон административно извршување на донесените управни акти, информира Општината.
Акцијата на општина Центар за справување со диво поставената урбана опрема ќе продолжи и во наредниот период со цел ослободување и нормализирање на сообраќајот на луѓе и на возила на целата територија на општината.