Романската левичарска Влада денеска „го преживеа“ гласањето за доверба, што беше ставено на дневен ред на барање на опозицијата.

Барањето, иницирано од Либералната партија доби 166 гласови, а за распуштање на Владата на премиерката Вјорика Данчила беа потребни 233 гласови.

Опозицијата тврди дека Владата на Данчила ја ослабнува демократијата и владеењето на правото во земјата.

Романската премиерка ја бранеше програмата на Владата, истакнувајќи дека е забележан раст на платите и пензиите, а опозициските пратеници не ја зборуваат вистината.

Данчила стапи на премиерската функција во јануари годинава. Таа е трет премиер откако владејачката Социјалдемократска партија ја освои власта на парламентарните избори во декември 2016 година.

Лидерот на Социјалдемократска партија Ливиј Драгнеа минатата недела е осуден на три години затвор поради злоупотреба на положбата.

Илјадници Романци денеска протестираа пред Парламентот извикувајќи „оставка“ и вееја романски знамиња. Некои компании им дадоа слободен ден на вработените за да можат да протестираат.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 00:57