Албанскиот претседател Илир Мета, реагираше по одлуката за одложување на почетокот на преговорите со ЕУ за јуни следната година, повикувајќи ги сите политички партии на концентрација, одговорност и соработка, за да го положат, како што изјави, испитот следниот јуни.

Тој додаде дека се добредојдени вчерашните заклучоци на Советот на ЕУ околу преговорите за членство на Албанија.

- Сите ние треба да ја поздравиме и да ја цениме позитивната волја со која, како Европската комисија, така и сите земји членки го сметаат за добредојден процесот на интеграција на Албанија и целиот регион во ЕУ. Овој пристап треба да не поттикне за фер и реалистичко читање на сериозните предизвици кои, особено во областа на владеењето на правото. Една година поминува брзо, исто како што од вчера помина еден ден. Нашиот испит во следниот јуни ќе биде многу тежок и строг, бидејќи самата Европска унија ќе го има својот изборен испит во исто време. Затоа ги повикувам сите за концентрација, одговорност и соработка, посочи Мета.

Наспроти пораката на шефот на државата двете најголеми политички сили, владејачката социјалистичка и опозициската демократска партија, за не добивањето почеток на преговори, со меѓусебни обвинувања околу тоа кој е поголем виновник за тоа.

Лидерот на социјалистите и актуелен премиер Еди Рама, веднаш по соопштување на одлуката оцени дека тоа е голем успех на Владата, додавајќи дека резултатите од реформите ги натерале и скептиците да ги признаат заслугите на Албанија и на Македонија.

- По 72 часа помеѓу внатрешните бранови на ЕУ, Албанија успеа да добие датум за влез во пристаништето на обединета Европа. Резултатите од нашите реформи ги натераа и скептиците да ги препознаат заслугите на Албанија и на Македонија. Добиена е една многу тешка битка,но војната продолжува, посочи Рама.

Тој го обвини лидерот на демократите Љуљзим Баша дека „работел Албанија годинава да не добие покана за преговори“ и оти здружената опозиција имала негатвно влијание врз одлуката на дел од земјите членки на ЕУ.

Според Баша за тоа дека Албанија не добила почеток на преговри главен виновник е Рама, зашто криминалот и корупцијата, во која е потоната Владата, ја држат далеку од Европа.

Тој најави дека заедно со народот ќе реагираат за да оваа Влада си замине и на нејзино место дојде влада на сегашната опозиција, која ќе биде европска, која ќе ја „интензивира борбата против криминалот и корупцијата, за да го реализира членството на земјата во ЕУ“.

И третата по големина партија во земјата, опозициското Движење за социјалистичка интеграција, оцени дека „главен виновник што Албанија останала надвор од Европа е Рама и оти тој под итно треба да си оди“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 00:57