Ќе има минимално намалување на цената на струјата, најавуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Подготвителната седница за цената на електричната енергија е закажана за утре, по што е најавена прес-конференција на која претставници на РКЕ ќе објават колкаво ќе биде намалувањето.

Како што информираа денеска од РКЕ, компанијата ЕВН побарала зголемување на цената на струјата за девет проценти, ЕЛЕМ побарале намалување за 1,5 проценти, а МЕПСО не побарале ниту зголемување, ниту намалување.

Новото раководство на РКЕ најавува и преоценување на мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија со цел да се намалат трошоците на потрошувачите за приклучување. Домаќинствата во општините каде има донесено детални урбанистички планови вообичаено плаќаат околу 500 евра за приклучок, а во општините каде нема детални урбанистички планови цената за приклучокот е далеку повисока.

Во однос на либерализацијата на пазарот на електрична енергија и стекнувањето на правото на домаќинствата од следната година да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, од РКЕ појасуваат дека се работи за право, а не за обврска на домаќинствата.

До септември треба да биде објавен и тендерот за избор на универзален снабдувач на електрична енергија и на снабдувач во краен случај. Критериумите за тендерот се работат заедно со Секретаријатот на енергетската заедница и се очекува до втората половина на јули во најголем дел да бидат подготвени и доставени до Владата. Очекувањата на РКЕ се доколку има конкуренција, да има и намалување на маржите.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 12:42