Повикот за доделување финансиска поддршка за авиокомпании за нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид, што беше објавен денеска, не се однесува на државна помош, туку е субвенционирање, смета министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
- Не станува збор за државна помош, туку за субвенционирање. Министерството за транспорт и врски се обрати до Комисијата за заштита на конкуренцијата од каде добивме јасен и прецизен одговор кој е упатен и до Европската комисија дека станува збор за субвенциирање, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција на која беше претставен новиот повик.
Прашан дали објавувањето на повикот и неговото влијание на конкурентноста отстапува од критиките што ги упатуваше владејачката СДСМ додека беше опозиција, Сугарески наведе дека обвинувањата биле во делот на транспарентноста и оти тогаш барале информација колку средства одвојува држава.
Како што дополни, доделувањето субвенционирани средства се смета дека ќе обезбеди бенефит за граѓаните, согласно предвиденото во изборната програма на СДСМ и во владината програма.
Прашан зошто со парите што државата ги одвојува за субвенции по тој основ не се формира национален авиопревозник, Сугарески упати на направените анализи кои покажувале дека тоа не може да се направи поради неисплатливост.
Компанијата што ќе биде избрана со новиот повик во следните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра. За годинава веќе се обебзедени 49,7 милиони денари, за 2019 и 2020 се планирани по 104,2 милиони евра, а за 2021 година 54,2 милиониу денари.
Со двата договора што ги склучи претходната Влада со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник за периодот од 2011 до 2018 година беа доделени 9,5 милиони евра. Во тој период „Виз ер“ воведе 25 дестинации, а државата, според Сугерски, ги има исполнето своите обврски.
Новиот договор за доделување финансиска поддршка од државата се очекува да биде потпишан кон средината на август годинава. За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид на избраната авикомпанија ќе и се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет односно осум и седум евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.
Компаниите што ќе аплицираат, меѓу останатото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година. Избраната авиокомпанија најдоцна до 1 декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на Охридскиот аеродром. Најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, а од Охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.
Новините со денеска објавениот повик, во однос на претходните два, претежно се однесуваат на проширување на капацитетите на Охридскиот аеродорм, согласно намерите на Владата за негова промоција како аеродром за нискобуџетните авиокомпании. По влезот на државата во Европската унија, како и во останатите нејзини членки, нискобуџетните авиокомпании нема да можат да го користат Меѓународниот аеродром Скопје, туку алтернативни.
Во првите пет месеци од годинава преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродром „Свети Апстол Павле“ во Охрид се превезени 784.000 патници, за 20 проценти повеќе споредено со истиот период лани, со реализирани 6.845 лета односно пораст за 17 проценти.