Турската полиција денеска изврши претрес во канцеларијата на опозицискиот информативен портал Сендика во Истанбул.
Претресот е извршен веднаш по спроведените апсења на поддржувачи на кандидатот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) Мухарем Инџе на неодамнешните претседателски избори.
Сајтот соопшти дека за време на претресот во просториите не се наоѓале новинари, додавајќи дека тој е извршен во рамки на истрагата која се води против главниот уредник Али Ергин Демирхан.
Демирхан првпат беше уапсен во април под обвинение дека не ги признава резултатите од референдумот за воведување на претседателскиот систем во Турција, а потоа и во мај поради објавување текст со наслов „Ние можеме да ја запреме диктатурата“.
Во меѓувреме, пет лица се уапсени денеска во Измир поради „навреда на државници“, а претходно биле притворени други седум лица, кои, како што се тврди, го прекориле турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по митингот на Инџе на 21 јуни.
Ердоган беше реизбарн на претседателските избори кои се одржаа во неделата.